Ракометната репрезентација на Македонија заврши голем дел од работата за пласман на Светското првенство во Германија 2027 година. Нашата репрезентација убедливо славеше на гостувањето кај Словачка (31:24) во првиот дуел од бараж двомечот со Словачка.
Со оваа убедлива победа, нашите ракометари се со едната нога на уште еден ракометен собир, десетти во низа за нашиот национален тим.
Мечот во Прешов тргна изедначено по водството на Македонија од 0:2, потоа Словачка одговори со серија од 3:0 и поведе со 3:2, па се играше гол за гол и израмнето.
Сепак, во дваесеттата минута за првпат Македонија направи +2 и поведе со (9:11), а до паузата, нашиот национален тим предводен од Лазаревски и Кузмановски кои беа најдобри стрелци, дојде до 13:18 на одмор.
Во второто полувреме Македонија константно ја одржуваше предноста од 6-7 голови разлика, а во еден момент имаше и високо +8 (17:25) , за на крајот д аго завршат дуелот со предност од 7 голови односно 24:31. Најдобар стрелец во нашатарепрезентација беше Филип Кузмановски со 10 гола од 14 обиди, додека Милан Лазаревски беше максимално прецизен со 7 од 7.
Реваншот меѓу Македонија и Словачка се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19 часот.

