Македонија и Франција денеска од 18.00 часот ќе го отворат Европското првенство во ракомет. Мечот ќе биде одигран на фудбалскиот стадион – „Меркур-Шпила арена“ во Дизелдорф кој е адаптиран за ракомет и собира преку 50.000 гледачи.
Тоа значи дека ќе биде поставен рекорд кога станува збор за посетеност на еден ракометен меч. Во вториот дуел во нашата група – „А“, домаќинот Германија од 20.45 часот ќе излезе на мегдан со Швајцарија. Избраниците на Кире Лазаров по мечот со „триколорите“ ќе се преселат во Берлин. Таму на 14 јануари ќе играме со „панцирите“ а два дена подоцна и со селекцијата на Швајцарија. Пласман во втората фаза ќе обезбедат првите две земји од секоја група.
Македонија на последните две Европски првенства има само една победа и тоа во 2020 година против Украина а на претходниот турнир во Унгарија и Словачка имавме три порази во групата од Словенија, Црна Гора и Данска.