Нашите најдобри ракометари вечерва одиграа нерешно со Исланд 24 спрема 24 во рамките на 4. коло во групата „3“ во тековните квалификации за пласман на европското првенство во 2020 година.
Избраниците на селекторот, Данило Брестовац, не ја искористија пеколната атмосфера и големата поддршка од фановите во СЦ Борис Трајковски и освоија само бод против секогаш непријатните „рибари“. Мечот главно беше изедначен а финишот донесе големи возбудувања. Прво ние не искористивме напад преку Лазаров за плус два што ќе значеше и победа, за веднаш потоа гостите да реализираат на три секунди пред крајот и да се спасат од пораз.
Во вториот денешен меч во групата Турција успеа да ја совлада Грција со 26 спрема 23. На табелата, Македонија и Исланд имаат по 5 бодови, Турција 4 а Грција е последна без бод.