Македонската кошаркарска селекцијавечерва го игра првиот натпревар од претквалификациите за ЕП во 2025 година. Македонија предводена од новиот селекторот Алекандар Јончевски ќе го игра натпреварот со Данска, а мечот се игра во Нествед.
Селекторот Александар Јончевски смета дека во оваа група, во која се уште и селекциите на Норвешка и Словачка, нема апсолутни фаворити.
„Можеби имаме неатрактивни ривали во групата, но во никој случај не смееме да ги потцениме. Исто така, сметам дека нема репрезентација која отскокнува со својот квалитет. Во голема мерка на секој натпревар ќе одлучува моменталниот мотив кај играчите и кај другиот дел од тимот“, вели селекторот пред вечерашниот почеток на натпреварите од групата Д.
Голем хендикеп за овие два натпревари (вториот е на 28 август против Словачка во Скопје), е недостигот на високи играчи и присуство на странски кошаркар во тимот, што беше пракса во изминатиот период.
„Претходно сме ги имале тие играчи на високите позиции. Но тоа е што е, сите играчи кои се во составот се во функција да го дадат својот максимум на овие два натпревари. Сега размислуваме само за овој вечерашниот, против Данска“, додаде селекторот.
Во групата Д, вечерва Словачка е домаќин на Норвешка во вториот натпревар. Данска и Македонија својот натпревар го започнуваат од 19:00 часот.