Македонската ракометна репрезентација е пред голем предизвик, вечерва во Хернинг , Данска во ранките на 2.коло од групата Б игра против селекцијата на Португалија.
По стартниот очекуван пораз од домашната репрезентација на Данска, избраниците на Кирил Лазаров вечерва се пред уште една тешка задача затоа што за противник имаат уште една многу квалитетна селекција која игра брз и модерен ракомет.
Досега со селекцијата на Португалија имаме одиграно 10 официјални натпревари, но ова ќе биде прв натпревар на едно големо натпреварување како што е Европско првенство. Изминатите десет натпревари секогаш биле дел од квалификациите за ЕП и СП.
Првиот натпревар со Португалија го имаме одиграно во 1997 година кога на гостински терен загубивме со 32:30, но на реваншот во Битола славевме со 33:29. Во 1998 година изгубивме во Брага со 26:25, а победивме во Скопје со 29:26. Десет години подоцна Македонија во квалификациите за СП славеше во Скопје со 38:32, а во Гимараеш беше поразена со 31:26. Уште еден двомоеч доби Македонија против Португалија во квалификациите се ЕП кога во Еспињо во 2012 година бевме поразени со 32:25, но во Скопје славевме со 26:19. Единствено во 2023 година, Португалија двапати ја победи Македонија во квалификациите за ЕП, во Скопје со 29:22, а во Матосињос со 32:27.

Вечерашниот натпревар ќе биде премиерен дуел на овие две селекции како дел од ЕП и сигурно дека нема да биде ист како претходните, иако во моментов Португалија важа за фаворит на оваа средба. На претходното ЕП во Германија 2024 година, Португалија заврши на 7-то место, а македонија беше на 17-тото место.
Интересно е тоа што и за двете репрезентација ова ЕП им е 9 ти настап на континенталниот собир. Досега Португалија е нешто поуспешна од Македонија со 44 одиграни натпревари, 3 повеќе од Македонија, а нашите противниции имаат и 15 победи, 6 повеќе од нас.
Ако се вратиме во историјата, можеби најважниот натпревар кој го имаме играно против Португалија досега е оној на 20 јануари 2008 година во Гимараеш кога загубивме со 5 разлика, а Португалија не реализираше пенал по истекот на времето на семафорот, односно тогашниот голам Борко Ристовски го одбрани ударот од 7 метри и не однесе во баражот со Исланд по кој обезбедивме пласман на СП во Хрватска 2009 година. Токму тој момент е важен во ракометната историја на Македонија затоа што со тоа започнува подемот на нашата ракометна репрезентација.
Дуелот меѓу Македонија и Португалија се игра вечерва од 18 часот во „Јуске Банк Боксен Арена“ во Хернинг, а ќе го судат повторно браќа – близнаци, но овој пат од Босна и Херцеговина, Амар и Дино Коњичанин.

