За разлика од минатата сезона кога не се одигра завршницата на Купот на Македонија во ракомет заради пандемијата од ковид-19, оваа сезона ќе се игра завршниот турнир и ќе го добиеме новиот освојувач на овој трофеј.
Еурофарм Пелистер заедно со Вардар е еден од фаворитите годинава, иако ова натпреварување често знаело да понуди изненадувања и непредвидени резултати како што беше последниот пат кога победи Металург. Стипе Мандалиниќ првпат ќе игра на завршниот турнир и верува дека со својата екипа ќе дојдат до финале, а подоцна и до трофеј.
„Сите екипи во Купот имаат свои шанси. Првиот натпревар е Бутел и се спремаме за тој натпревар, па потоа ќе видиме што ќе биде. Секако дека гледаме шанса во Купот, квалитетна екипа сме, добро работиме и се подготвуваме и ќе видиме што ќе донесе „фајнал-фор“ турнирот. Сите клубови имаа проблеми со ковид-19, нè стигнаа и повреди и не бевме комплетни баш кога требаше да бидеме вистински. Многу се радувам што сме комплетни и тренираме цела екипа. Добро ќе се спремиме и ќе бидеме силен конкурент на сите ривали и во шампионатот и во Купот. Верувам дека со ангажманот и квалитетот ќе покажеме каков квалитет имаме“ истакна Мандалиниќ.
Завршниот турнир ќе се игра во Скопје, во салата „Автокоманда“, а полуфиналните натпревари се на програмата во четврток, 13.мај 2021 година.
16.30 Металург – Вардар
19.00 Бутел – Еурофарм Пелистер
Финале во сабота 15.05.2021 година со почеток од 17.30 часот.

