Македонската кошаркарска федерација денеска го претстави Марјан Илиевски за нов селектор на националниот тим во машка конкуренција. Тој официјално ја презеде селекторската функција, на која доаѓа на местото на Александар Јончевски.

„Затекнати сме во една ситуација која е неблагодарно да говориме каква е, затоа што не можеме да го коментираме тоа сега. Сите сме дојдени на ова место да одговориме за она кое треба да биде во иднина. Сето она кое јас го очекувам, како од себе, од мојот стручен тим, од медиумите и клубовите кои треба да се голем фактор во создавање на оваа селекција, е да бидеме вклучени, за да го подигнеме сето ова и да си подадеме рака. Зошто ги спомнувам клубовите? Мора да извршат влијание кон играчите кои ќе го носат репрезентативниот дрес. Се надевам дека нема да наидеме на оспорување од некои играчи. Апел до сите клубови, да размислуваме за доброто на кошаркарската репрезентација, без разлика на тој ваучерски систем“, вели Илиевски.

Илиевски зад себе има богата тренерска кариера, водејќи неколку познати клубови како Пелистер, Сигал Приштина, Блокотехна, АВ Охрид, Кожув и Лирија. Неговата прва задача се августовските претквалификации за СП 2027 каде Македонија за противници ги има селекциите на Романија и Унгарија.

