Екипата на ГРК Охрид денеска објави информација за уште едно ново име за следната сезона. Во тимот од Охрид доаѓа повремениот македонски репрезентативец Мартин Карапалевски. 26-годишниот среден бек со Охрид се договори за соработка од две сезони, што значи дека во дресот на Охрид ќе настапува најмалку до јуни 2028 година.
Во Охрид тој ќе го носи дресот со број единаесет.

Карапалевски последните две сезони настапува за тимот на Ваљадолид во Шпанија, каде што остава одличен впечаток. Доказ за тоа е последниот избор на „дрим-тим“ на колото, во кој место имаше токму за македонскиот среден бек. Претходно, беше меѓу организаторите на играта во Вардар.
Инаку, Карапалевски е трето засилување на Охрид за следната сезона, по голманот Дино Славиќ и десниот бек Мате. Во меѓувреме како засилување за до крајот на сезоната дојде и јапонскиот интернационалец Косуке Јасухира.

