Македонската кошаркарска репрезентација ги започна подготовките за Евробаскетот во 2025 година. Нашата репрезентација ја очекуваат два натпревари, со Естонија дома и со Полска на гостински терен. За амбициите на нашата репрезентација денеска во гостувањето на Спортското радио 90.3 фм, зборуваше нашиот репрезентативец, Адем Мекиќ.
„Треба да дадеме максимум, играме пред наша публика и се надевам дека доколку бидеме во полн состав и максимално влеземе во натпреварот ум со помош на публиката ќе дојдеме до целта да победиме на првата средба. Тие играат многу атрактивно и брзо, имаат слобода во играта, а што се однесува до нашата тактика, ќе треба да ја запреме нивната транзиција, а тоа можеме да го направиме само со добра игра во одмраната“, рече Адем Мекиќ.
И Андреј Маслинко е дел од нашата селекција која се подготвува за дуелот со Естонија во Скопје. И тој е свесен дека ова ќе биде исклучиво тежок натпревар. Во неговото гостување во нашата програма, Маслинко го кажа своето очекување од оваа средба.
„Само што се комплетиравме, ростерот е тој што е, се надеваме дека ќе бидеме комплетни. Литванија е кошаркарска велесила, Полска е домакин. Естонија ни е познат противник, се надевам дека сега ќе можеме да им се одмаздиме. Се работи за квалитетен тим , без некоја ѕвезда, но играат брза кошарка и затоа треба да ги затвориме нивните брзи пробиви и шутот за 3 поени. Дамјан и Војдан се единствените кои останаа од онаа предходна генерација, на нас помладите е сега редот да го покажеме нашиот квалитет со добри игри во квалификациите и настап на Евробаскетот“, изјави Маслинко.
Средбата Македонија – Естонија се игра во петок, 23 февруари во СРЦ „Кале“ со почеток во 19 часот.
Комплетниот разговор можете да го проследите на следниот ЛИНК