Вечното ракометно дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар има голем влог за двата тима, затоа што победа вечерва ќе значи и чекор поблизу до шампионскиот трон.
На средина на суперлигашкиот плејоф, Еурофарм Пелситер влегува како првопласиран тим на табелата со еден бод повеќе од Вардар, па јасно е дека и двата тима имаат огромен императив за победа.
Никола Митревски како еден од најискусните во двата тима направи своја најава за денешното големо дерби за „Спортското радио 90,3 ФМ“ посака фер и коректна игра, како и спектакл со две навивачки групи на трибините.
„Атмосферата е одлична како пред секое големо дерби насекаде низ светот. Убаво е што имаме еден возбудлив и изедначен плејоф, три екипи се конкуренти за титулата и се надевам дека ова дерби ќе мине во најдобар ред. Ова е еден од клучните натпревари до крајот на сезоната, но сепак нема да одлучи ништо. После овој натпревар, ќе има уште пет кола за играње. Посакуваме фер и коректен натпревар каде потезите на играчите ќе бидат во прв план, а не некои немили настани како во минатото“, изјави Митревски.
Пивотменот на сопските „црвено-црни“, Милан Лазаревски вели дека ваквите дерби дуели ги решава инспирацијата на играчите на теренот.
„Навистина е уживање да се игра во Битола. Во исчекување сме на овој меч, кој за нас до овој момент во тековната сезона е најбитен. Може да биде решавачки и а титулата, но за нас екстремно битно е да го добиеме. Доколку го добиеме, решавачко ќе биде последното коло во Јане Сандански“, потенцира Лазаревски.
Мечот во Битола попладнево започнува од 18.30 часот. Комплетниот разговор со Никола Митревски и Милан Лазаревски можете да го проследите и на следниот ЛИНК

