Македонија одигра одличен натпревар на реваншот со Фарски Острови, меч со кој успеавме да ја постигнеме нашата цел, а тоа е пласман на СП кое ќе се одржи во 2025 година , а организатори се Хрватска, Данска и Норвешка.
По натпреварот свој коментар даде и капитенот на нашата репрезентација, голманот Никола Митревски кој имаше 4 одбрани, но сепак колективната и пожртвувана одбрана не им дозволи на противниците да упатат многу удари кон неговиот гол.
„Знаевме каква ќе биде атмосферата и затоа посакувавме реваншот да се игра во Македонија, овде во „Борис Трајковски“. Тие се доста незгодна репрезентација. Тоа го видовме на Европското првенство на кое играа егал со Словенија и Полска, ремизираа со Норвешка. Имаат четири играчи кои настапуваат во Бундеслигата, а нашиот тим е составен со играчи од домашниот шампионат. Тоа покажува дека имаат квалитет, играат скандинавски ракомет, не губат топки. За разлика од првиот натпревар денес игравме поагресивно, посамоуверено во одбраната, а во нападот бевме многу поподвижни и на крилјата на феноменалната публиката успеавме да избориме пласман на Светското првенство. Нашата одбрана, „5+1“ која е доста агресивна не дозволи голманите да имаат голема улога, ама моравме да се коцкаме некако за да ги задржиме нивните најдобри играчи. Успеавме заедно да пресечеме многу топки, да реализираме во напад. Среќата, квалитетот, знаењето беа на наша страна. Нашата голема желба да го продолжиме континуитетот на настапи на големите натпреварувања беше уште од денот кога се собравме и едноставно сакавме да се пласираме на СП“, рече капитенот Никола Митревски.