Македонската ракометна репрезентација со пораз го започнаа Европското првенство во Германија. На отворањето на шампионатот нашите ракометари одиграа сосема солидно против фаворитот Франција, особено во првиот дел од првото полувреме, но немаа сили за нешто повеќе од пораз (39:29).
Капитенот на нашата репрезентација, голманот Никола Митревски зборуваше по мечот за резултатот.
„Петнаесетина до дваесет минути бевме во егал со Францијаа. Имавме контрола на настаните на теренот, а потоа нивната одбрана нè натера да направиме неколку грешки, неколку технички грешки кои лесно ги искористи противникот преку полуконтра и контра и така да го презеде водството.
Франција во продолжението го контролираше до крај натпреварот. Таа е разликата меѓу Франција и Македонија, не е исто, тие играат врвни натпревари во ритам среда-сабота, а ние немаме такви натпревари. Треба многу да работиме за до некаде да го стигнеме нивното ниво. Ни останува малку горчина, не затоа што загубивме со десет гола разлика, туку да бевме поконцентрирани и да го немавме нашиот менталитет кој се обидуваме да го подобриме. Ќе бевме позадоволни ако завршеше пет до шест гола, но ете, нѐ добија десет разлика и тоа е таа разлика меѓу нас и нив“, изјави капитенот на македонската репрезентација.
Митревски беше одличен на голот на нашата репрезентација, имаше десет одбрани. Македонија сега на ЕП ја очекува дуел со домашната селекција на Германија, натпревар кој се игра в недела во Берлин.

