Раководството на Македонската кошаркарска федерација се огради и го осудува непримерното и националистичко однесување на мал дел од навивачите на натпреварот Македонија-Романија, одигран вчера (2 август) во Куманово.
Во продолжение ви го пренесуваме соопштението:
Соопштението на федерацијата:
„Ние, како Македонска кошаркарска федерација, длабоко жалиме, и најостро се оградуваме од непримерното и националистичко однесување на дел од навивачите што беше забележано за време на натпреварот одигран на 2.август, 2025 година, помеѓу сениорските репрезентации на Македонија и на Романија, во Куманово.
Таквите постапки не го претставуваат духот, вредностите и идентитетот на нашата федерација, ниту го отсликуваат мнозинството од нашите навивачи, кои секогаш ќе бидат пример за спортска култура и поддршка. Националистички пароли, говор на омраза и поттикнување нетрпеливост, немаат место ниту на трибините, ниту во спортот, воопшто.
Ги повикуваме сите навивачи, да се воздржат од слични постапки во иднина и да дадат свој придонес во создавање на позитивна, безбедна и инклузивна атмосфера на стадионите и салите. Истовремено, секогаш ќе соработуваме со надлежните институции за идентификација на инволвираните лица како во иднина не би се случувале вакви изолирани настани.
Повторуваме: спортот обединува – не дели. Нашата заедничка цел е, фер натпревар, меѓусебна почит и достоинствено претставување на нашите бои“
Натпреварот во Куманово, помеѓу Македонија и Романија заврши со победа на гостите 72:80.
ФОТО: mkf.mk

