Македонија ја забележа првата победа во главната фаза на Светското првенство, вкупно втора на турнирот и тоа во пресметката со Катар.
Нашиот национален тим одигра ефикасен меч и го доби составот предводен од Веселин Вујовиќ со резултат 39:34.
Ова е второ славје по она со Гвинеја на мундијалот на кој ремизиравме со Унгарија и Австрија, а загубивме само од Холандија, но и на таа средба бевме рамноправен противник. Овие резултати и настапи донесоа задоволство кај првиот човек на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов.
„Апсолутно сум задоволен, имаме и две нерешени, но задоволен сум од пристапот и од она што тимот го покажа од меч во меч, желбата за победа, квалитетот што го покажаа на терен. Овие играчи се вистински пример како сите треба да се бориме за Македонија.
Штета што немавме голема поддршка во втората фаза, тоа беше сплет за околности, сите заедно направивме се што можеме да ги задржиме играчите со фокус на теренот. Многу сум среќен што оваа репрезентација покажа дека во следните години може да ги радува сите наши граѓани. Трпевме многу критики со Кирил Лазаров во изминатите години, но сега се покажува дека сме на вистинскиот пат“, истакна Мукаетов по натпреварот.

