Кошаркарите на МЗТ Скопје A. и Пелистер вечерва (18 ч.) ќе бидат пред голем предизвик во трката за пехарот од Купот на Македонија, Благоја Георгиевски – Буштур. Во финалето на Ф8 турнирот кој веќе трет ден се одржува во Битола ќе се сретнат можеби и двете најквалитетни екипи во тековната кошаркарска сезона.
МЗТ Скопје А. ќе се обиде да го одбрани трофејот од Купот, додека Пелистер ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен за да дојде до првото вакво одличје.
„Штрковите“се најтрофејната екипата во Купот на Македонија со 11 трофеи и уште пет загубени финални натпревари, додека Пелистер само вторпат во својата историја ќе игра во мечот за трофејот, првпат по 2009-тата година, кога загубија од охридски Амак СП.

