Екипата на МЗТ Скопје го освои трофејот во Купот на Македонија и ја оправда фаворитската улога во финалето против Феникс. Натпреварот заврши со 89:73 во корист на МЗТ Скопје и со тоа оваа екипа стана рекордер во Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“ кој се играше по јубилеен 30. пат.
Досега МЗТ Скопје имаше по десет пехари заедно со Работнички, но сега на листата се единствени на врвот со овој 11-ти.
До единаесеттиот пехар, тимот предводен од Драган Николиќ дојде според планот, со предност од почетокот до крајот на средбата. Дебитантот Феникс во неколку наврати се враќаше на едноцифрена разлика, но не можеше повеќе со расположениот противник.
Имаше МЗТ двоцифрена позитива на паузата (48-37), а иако Феникс во повеќе наврати се враќаше во мечот, во третиот квартал имаше и минус четири (64-60), сепак, искуството на МЗТ Скопје беше пресудно во тие моменти и не дозволија противникот да се доближи.
Најефикасни кај МЗТ Скопје беа Страхиња Миќовиќ со 20 и Војдан Стојановски со 16 поени, додека кај Феникс, Бојан Трајковски заврши со 22 поени, а Ивица Димчевски постигна 21 поен.