Александар Тодоров од денеска ја презеде диригентската палка во нашата машка кошаркарска репрезентација. На официјалната промоција пред новинарите, новиот кормилар истакна дека е горд што доби таква одговорна улога и дека ќе им даде шанса на младите.
„Неколку младински селекции се прикажаа во добро светло, имаме млади играчи кои успешно настапуваат и кои треба да добијат шанса во сениорскиот состав. Подмладувањето не значи алиби“ – изјави новиот селектор кој потпиша договор за наредните 18 месеци. Доколку успее да ги однесе „жолто-црвените“ на ЕП, соработката автоматски ќе му биде продолжена за 4 години.
Тодоров потенцираше дека за февруарските квалификациски средби нема да биде ангажиран нов натурализиран кошаркар а како прва опција за дуелите со Естонија и со Русија ќе биде Шејн Витингтон, кој настапува во Бетис.