Денвер Нагетс напиша историја во НБА лигата откако ја освоија својата прва титула во најквалитетната кошаркарска лига на планетата. Во крајно интересен и неизвесен натпревар број 5 од финалето против Мајами, тимот од Колорадо победи со 94:89 на домашен терен и ја затвори серијата со 4:1.
Работите не изгледаа добро за Денвер, по водство на Мајами во поголемиот дел од натпреварот. Домаќините промашија 20 од првите 22 тројки, како и седум од првите 13 слободни фрлања. Гостите имаа предност од 10 поени на средината на втората четвртина, но Денвер потоа тргна во добра серија за да поведе од 7 поени неколку минути пред крајот на мечот. Сепак, тоа не беше крајот. На типичен начин, Џими Батлер постигна осум последователни поени за да му донесе предност на Мајами повторно со еден поен на 2:45 до крајот. Сепак, последната минута беше за домаќините, кои на крајот победија со пет разлика.
Никола Јокиќ повторно беше над сите и ги спаси соиграчите со 28 поени и 16 скока. Секако без изненадување, Србинот беше тој што го освои МВП трофејот – Бил Расел на финалето, награда која секако носи поголема тежина за него од двата МВП-и во НБА-лигата што ги освои во 2021 и 2022 година и кои оваа сезона не му беше доделен. Тимскиот колега Мајкл Портер Џуниор даде 16 поени, а Џамал Мареј имаше 14 поени, 8 скока и 8 асистенции.
Кај Мајами Хит, Џими Батлер постигна 21 поен, центарот Бам Адебајо имаше 20 поени и 12 скока, но тимот заврши со само 34,4 проценти шут.Ова е прва титула за Денвер Нагетс во нивното 47 годишно постоење.