Пред стартот на полуфиналите натпревари од Ф4 турнирот на СЕХА лигата во Задар беше објавен идеалниот тим на регуларниот дел од регионалната СЕХА лига, во која настапуваа две македонски екипи, Вардар и Еурофарм Пелистер.
За најкорисен играч, односно МВП е избран Јосип Периќ, кој исто така е најдобар среден бек, а од Еурофарм Пелистер доаѓаат и најдобриот тренер – Жељко Бабиќ, како и најдобриот десен бек – Невен Стјепановиќ.
Најдобро лево крило е Тимур Дибиров, кој е прогласен и за најдобар стрелец со постигнати вкупно 57 гола.
Најдобар млад играч е Јовица Николиќ од Војводина, најдобар пикер е Вјачеслав Бокан од Мотор, најдобар лев бек е Оливер Рабек од Татран Прешов. Најдобар голман е Матеј Ашанин кој веќе не е дел од Загреб, најдобро десно крило е Вукашин Воркапиќ од Металопластика, додека најдобар дефанзивец е Глеб Калараш, кој веќе не настапува за Вардар.
Во идеалниот тим нормално немаше ракометари од Мешков Брест и Веспрем, бидејќи тие не беа дел од регуларниот дел од сезоната во СЕХА лигата.

