РК Вардар 1961 денес го промовираше својот нов тренер, добро познато има на македонската ракометна јавност. Црногорскиот стратег Веселин Вујовиќ и официјално седнува на клупата на Вардар и ќе го наследи Стевче Алушовски, а амбициите ќе останат исти како и оваа сезона.
„Ова е моја трета етапа во Вардар, се надевам дека ќе биде успешна. Од моето заминување од Вардар, до враќањето, се случија сјајни работи. Мојот однос кон Вардар никогаш не се смени. Во меѓувреме, Вардар двапати беше европски првак, што е нешто незамисливо на овие балкански простори и направен е фантастичен резултат. Вардар е бренд во Европа, сите го знаат. Благодарен сум и чест ми е што Михајло одлучи пак јас да бидам тренер. Кога го имавме првиот контакт, кажа дека размислува и тој и јас за овој ангажман. Јасно ми е дека Вардар не е како претходно, но сметам дека е предизвик за мене како тренер, да направиме еден микс во тимот и да ги оствариме целите. Целите на екипата се секогаш повисоки, а јас како тренер сакам да остварам повеќе од што е зацртано. Ќе ги гледам и младинските тимови, како и македонските репрезентативци, да им кажам што очекувам со нив Сметам дека не треба да се носат странци ако има домашни играчи на кои треба да им се даде шанса. Се надевам дека салата наскоро ќе биде полна и ќе се ужива во Вардар. Сигурен сум дека сите се свесни за ситуацијата, Вардар можеше да го нема. Михајло Михајловски го спаси клубот. Мојата врска со Македонија и со Вардар е голема, едвај чекам да стартувам со подготовките“, изјави Вујовиќ.
Веселин Вуковиќ најави дека во моментов преговара за тоа со кого ќе соработува во стручниот штаб, посакува Алушовски да остане во неговиот стручен штаб доколку тој тоа го сака, но најави и ангажирање на тренер на голманите.