Светската кошаркарска федерација ФИБА ги одреди термините и распоредот на натпреварите на претквалификациските турнири за место на кошаркарскиот турнир на Олимпијадата во Париз.
На турнирот во Талин каде ќе настапи и нашата машка сениорска репрезентација, ќе има три натпреварувачки и еден слободен ден. На 12. август, Естонија ќе игра против селекцијата на Чешка, а веднаш потоа нашите најдобри кошаркари ги чека дуелот со Израел.
Ден подоцна, на 13. август, во арената „Тондираба“, Македонија ќе се сретне со домашната репрезентација на Естонија, а завршниот трет меч со Чешка е на 15 август.
Првопласираните две репрезентации по трите натпреварувачки дена во групата „А“ во Талин, ќе обезбедат пласман во полуфиналната фаза која ќе се игра во полскиот град Гливице.