Ракометаритена Вардар ја победи екипата на Татран Прешов во последниот натпревар ова агодина на домашен терен со 23:21 и со тоа ја задржа лидерската позиција во СЕХА лигата.
Тренерот на Вардар Роберто Парондо по натпреварот изјави дека главен фактор за победата на оваа средба била промената во играта на неговата екипа во второто полувреме што го одлучи победникот.
„Татран одигра добар натпревар и покажа дека е квалитетен тим. Се надевам дека гледачите во салата и пред ТВ екраните уживаа во она што можеа да го видат зашто и за двата тима одиграа добар натпревар. Ние не одигравме најдобро во текот на првото полувреме. Во овој период од средбата ни недостигаше интензитет и фокус во мечот. Потоа беше поинаку. Вториот дел донесе подобра игра, а морам да им се заблагодарам на моите ракометари за покажаното во тој дел од мечот. Имавме проблеми со играта во одбрана и тоа ни се одрази врз резултатот. Се соочивме и со проблеми, бидејќи двајца од ракометарите кои играат во центарот на одбраната се повредија за време на натпреварот. Но, сепак во вториот дел од натпреварот ракометарите дадоа сѐ од себе и најважно е дека се изборивме за уште една победа” изјави Парондо на прес-конференцијата по натпреварот.
Со оваа победа Вардар се врати на врвот на табелата со 30 бода, три бода и натпревар повеќе од второпласираниот ППД Загреб. Вардар го очекува уште еден натпревар на гостински терен кај Стеауа во Букурешт на 17-ти декември.