Конечно ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе можат да мислат на натпревар, а не само секојдневни тренинзи. Овие денови се прави „скенирање“ на првиот европски противник, ГОГ Гудме кој ќе му биде прв предизвик на Еурофарм Пелистер следната недела.
Ако дебито на официјален натпревар се очекуваше на почетокот на септември, заради пандемијата одложена е СЕХА лигата, па скоро два месеци подоцна Еурофарм Пелистер ќе го одигра првиот натпревар за бодови.
„Сигурно дека нè пореметија откажувањата. Но, ние добро тренираме и се подготвуваме како секој ден да започнат натпреварите. Подготвени сме за 27 октомври и натпреварот против Данците. Спремни сме, желни сме за игра и тоа е најважно. Само ги чекаме натпреварите“, истакна Јосип Периќ.
„Се работи за млади ракометари, играат брз скандинавски ракомет. Ние сметаме многу на нашата одбрана. Тоа ни е нашиот адут. Верувам дека ќе ја запреме нивната транзиција и ќе ги сведеме нивните шанси од контра напад на минимум“, додаде Периќ.
Натпреварот ГОГ Гудме – Еурофарм Пелистер ќе се игра на 27 октомври, а ќе го судат Фабиан Баумгарт и Саша Вајлд од Германија. Ракометарите кои ќе патуваат за Данска во сабота ќе се тестираат на Ковид-19, додека за Данска се заминува во понеделник, 26 октомври.

