Македонската кошаркарска федерација (МКФ) денес доби нов претседател, Перо Антиќ, кошаркарската легенда седнува на претседателското столче во МКФ откако реши да се кандидира и како единствен кандидат за оваа функција, ја доби довербата од клубовите.
На Изборното собрание гласот го дадоа 26 клубови – членови, додека од присутните, спорни излегоа две полномошни, на судии и делегати, како и Здружението 3х3. Од присутните клубови, 17 гласаа за Перо Антиќ.
Откако ја доби довербата од делегатите Перо Антиќ го искажа чувството да се биде прв човек на МКФ:
„Секако дека сум среќен, искрено малку ми е и чудно во оваа улога. До денес бев кошаркар, а сега ќе извршувам друга функција. Кошарката е тимски спорт и реков, мојата идеја е да составам силен тим од спортисти и луѓе од бизнис-секторот и сите заедно да работиме за кревање на кошарката, враќање на оптимизмот кога се говори за овој спорт. Приоритети има многу, од развој на младинската кошарка, до засилување на лигата, враќање публиката во салите и враќање на репрезентацијата онаму каде што посакуваме да биде – редовен учесник на големите натпреварувања“, беше првата изјава на Перо Антиќ.
Со овој избор, Перо Антиќ е десеттиот претседател на МКФ, по осамостојувањето на нашата земја. Тој доаѓа на местото на Петар Наумоски, кој ја предводеше МКФ од 2015 година кога го наследи Даниел Димевски.