Перо Антиќ доби уште еден мандат за претседател на Кошаркарската федерација на Македонија. На денешното Собрание, Антиќ ја доби довербата на 40 делегати кои гласаа „за“ од вкупно 41 делегат.
Поранешниот репрезентативец беше реизбран за прв човек на македонската кошарка и ќе биде еден од ретките кои во два мандата биле претседатели на КФСМ. И пред Собранието беше јасно дека нема да има противкандидат поради што постапката заврши многу брзо.
Антиќ е претседател на Кошаркарската федерација од мај 2019 година кога го наследи Петар Наумоски, а и тогаш беше единствен кандидат за претседателската функција. Пред да биде реизбран Антиќ, Собранието го усвои финансискиот извештај за 2022 година. Констатирани се долгови во висина од над 200.000 евра од клубовите, по основ на котизации, лиценци за странски играчи, казни и закуп на сала. Најголемите приходи се од организацијата на младинските Европски првенства во 2022 година од страна на ФИБА.