Европската куќа на ракометот (ЕХФ) номинираше пет ракометари на актуелниот европски шампион Вардар и тренерот Раул Гонзалез, во изборот за „ол-стар“ тим во Лигата на шампионите за измината сезона.
ЕХФ во својата номинација вклучи играчи и тренери од 16 клуба и 15 националности, според нивниот настап во текот на оваа сезона во ЛШ.
Вардар во изборот за „ол-стар“ ги има како преставници Раул Гонзалез како тренер, а тука се уште и Арпад Штербик (голман), Тимур Дибиров (лево крило), Вуко Борозан (лев бек), Лука Циндриќ (среден бек) и Илија Абутовиќ (најдобар дефанзивец).
Меѓу оние кои имаа можност да бидат во идеалниот тим е уште еден ракометар од нашата земја, односно од Металург, а тоа е Халил Јагањац кој е номиниран за најдобар млад ракометар во Лигата на шампионите сезонава.
Гласањето почнува на 22 мај, а најдобрите ќе бидат соопштени за време на Ф4-турнирот во Келн.