Легендарниот југословенски ракометар Златко Портнер почина ненадејно на 59-годишна возраст.
Тој беше член на златната генерација на југословенски ракомет од 80-тите години на минатиот век. Кариерата ја започна во Хртковци, пред да пристигне во Шабац преку Црвенка во 1982 година, каде во следните седум сезони ги испиша најубавите страници на светскиот ракомет во генерацијата на „вонземјаните“ на Металопластика. Беше освојувач на Купот на шампионите (1985 и 1986 година).
Неговиот понатамошен професионален пат го водеше до Барселона, која со него во тимот стигна до првиот трофеј во Купот на шампионите во 1991 година. По две години поминати во Франција (1992-1994), Портнер ја заврши својата кариера играјќи во швајцарски клубови до 2002 година. На крајот од играчката кариера, тој остана верен на ракометот преку тренерската работа во неколку клубови во Швајцарија.
Како член на репрезентацијата на Југославија, Портнер освои злато на Светското првенство во Швајцарија во 1986 година и бронза на Олимписките игри во Сеул во 1988 година, и беше дел од тимот што заврши на четвртото место на Светското првенство во 1990 година.