Македонската ракометна репрезентација денеска со натпреварот против Алжир (15.30 ч.) ги продолжува настапите на Светското првенство во Полска. Избраниците на Кире Лазаров од денеска ја почнуваат битката за пласман од 25. до 32. место, а прв од трите африкански ривали е тимот против кого досега имаме само еден меч на големите натпреварувања.
Македонија и Алжир досега имаат само една пресметка на СП и тоа во Хрватска во 2009 година кога ги победивме со убедливи 32:19. Селекцијата на Алжир, која пред две години во Египет успеа да стигне до главната рунда, победувајќи го Мароко во клучниот натпревар од групата, исто како и Македонија не успеа да обезбеди ни бод во првата фаза. Алжирците беа поразени од Србија, Катар и Египет.