Претседателот на КК Работнички, Александар Стојкоски, најави дека клубот е подготвен да се врати на победничките патеки од минатото.
„Им должиме голема благодарност на сите легенди кои биле дел од Работнички и освоија бројни трофеи. Свесни сме дека клубот мина малку потежок период, таа криза кулминираше минатата сезона кога наместо да се бори за трофеи, мораше да се бори за опстанок. Тоа беше јасен сигнал што значеше старт на еден процес – формирање на нова управа со јасна визија и цел како да се продолжи во иднина“ – истакна претседателот на УО на Работнички, Стојкоски.
Извршниот директор на Работнички, Бранко Радевски, потенцираше дека вкупниот долг е спуштен за 70 проценти и дека требаат уште неколку месеци за целосна стабилизација и Работнички да дојде на ниво на кое што заслужува да биде.
Тренерот, Владимир Мирковски и Капитенот, Виктор Ефремовски, потенцираа дека очекуваат успешна сезона. По повод јубилејот ќе биде одигран и пријателски меч со Војводина во текот на наредната недела.

