Ракометната репрезентација на Македонија утринава замина за Клуж каде ќе го игра реваншот од баражот против Романија.
Со предност од осум гола остварена пред два дена во Скопје, избраниците на селекторот Раул Гонзалез со чартер лет полетаа кон Романија која треба да биде последната станица пред обезбедување на учество на Светското првенство во Германија и Данска.
И покрај тоа што Македонија во Романија има солидна предност од осум гола, опуштање не смее да има, затоа што противникот лесно може да не казни.
Токму тоа го предупреди и селекторот на нашата репрезентација и побара максимална сериозност од своите ракометари на реваншот во Клуж.
Наште ракометари ќе тренираат попладнево во Клуж, а натпреварот го играат утре (13 јуни) со почеток од 17.30 часот.