Женската ракометна репрезентација на Македонија подготвена го очекува првиот од двата дуела против актуелниот светски и европски првак, селекцијата на Норвешка, во рамките на Евро Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
За време на неделата на ЕХФ, нашите ракометарки првиот натпревар против фаворизираната Норвешка ќе го играат утре во СЦ „Борис Трајковски“ (19.30 ч.), а реваншот е на гостински терен, в недела (16 ч.).
Селекторот Љубомир Савевски и на овие два меча со фаворизираната Норвешка, како и на претходните со Црна Гора и со Словенија, не ќе може да смета на неколку стандардни ракометарки. Поради повреди нема да настапат Елена Ѓеорѓиевска, Зорица Десподовска и Савица Мркиќ, а неизвесна е и Марија Штериова.