Македонската женска ракометна репрезентација денес ќе го одигра вториот квалификациски натпревар од квалификациите за Светското првенство, а противник ќе биде Литванија.
Селекторот Симе Симовски може да биде задоволен од првиот натпревар и победата над Исланд, но со денешниот дуел и победа против Литванија може да се обезбеди пласман во баражот за СП, што е главна цел на нашата селекција во овие квалификации.
Литванија не би требало да биде проблем за нашите ракометарки, но сепак на вчерашниот натпревар покажаа квалитет и ја изненадија Грција со 27:26 и сега има ист број на бодови како и Македонија. Македонија вчера ги имаше расположените Сара Ристовска и Елена Ѓорѓиевска, па се надеваме дека и денес ќе ја повторат играта заедно со нивните колешки од репрезентацијата.
Досега Македонија има одиграно три средби со Литванија и е со максимални три победи. Двете селекции ги одиграа двата официјални мечеви во квалификациите за Европското првенство во 2011 година, додека во 2017 играа и еден пријателски дуел. Натпреварот Македонија – Литванија ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 17:00 часот.