Нашата ракометна репрезентација не успеа да ја оствари првата победа во групната фаза на ЕХФ Европското првенство во Скопје и да обезбеди пласман во вториот круг од натпреварите на првенството. Во клучниот меч во битката за 3. место во групата, избраничките на селекторот Љубомир Савевски беа поразени од Романија со 31:23.
Нашата селекција одигра одлично прво полувреме, во кое постојано во чекор се држеше со фаворитките. Успеавме на пауза да заминеме со тесни 12:13, но во вториот дел Романија успеа да ја најде вистинската формула за успех и да ги искористи сите наши промашувања за да дојде до комотна предност уште во првите 10 минути од вториот дел.
До крајот Романките умешно ја зголемуваа разликата и го потврдија триумфот и пласманот во следната фаза. Во нашата селекција Дабевска со 7 и Маџовска со 6 гола беа најефикасни, додека кај Романките доминираше Неагу со 10 гола.