Македонските ракометарки по пауза од 12 години, успеаја низ квалификации да дојдат до ново учество на Европско првенство. Задоволството по победата над Азербејџан денеска, не го криеја дел од нашите ракометарки.
Симона Маџовска ги искажа своите први импресии по победата и пласманот на Европското првенство 2024.
„Сите бевме свесни и знаевме колку е важен овој натпревар за сите нас. Отворивме според договореното, па следеше мал пад, но брзо го надминавме. Шанса и поддршка добија сите девојки. Среќни сме што после 12 години го остваривме овој успех преку квалификации. Во недела нѐ чека уште еден натпревар кадешто сакаме со победа да го завршиме циклусот и да си го потврдиме пласманот на европското првенство”, изјави Маџовска.
Младата Ива Младеновска постигна 4 гола во денешната победа во Баку.
„Овој пласман на Европско првенство значи многу за мене, сметам дека е голем успех бидејќи после толку време се пласиравме на едно големо натпреварување преку квалификации и тоа значи дека сме на вистинскиот пат. Се надевам на добра игра на Европското, имаме време да се подготвиме максимално и да целиме кон добар резултат”.
Победата на Шпанија над Литванија вечерва и официјално ги симна сите дилеми, со тоа што Шпанија како прва, а Македонија како втора во групата оди на континенталното првенство.