Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Раул Гонзалез, денеска со истите ракометари од првиот меч во Скопје ќе се обиде да ја задржи предноста од првиот бараж меч со Романија и да го потврди пласманот на СП во Германија и Данска. Попладнево (17.30 ч.) во Клуж нашата репрезентација ќе го одигра возвратниот меч со Романците на кој дојде со предност од 8 гола по скопската победа од 32-24.
И покрај тоа што допатува во Клуж со поширок ростер на ракометари, Раул повторно им даде доверба на Борко Ристовски и Никола Митревски на голманските позиции, а на трибините ќе остане Златко Даскалоски.
Кај Романците, селекторот Пасквал изврши една принудна замена на крилната позиција и го пријави Цок на местото на Росу. Исто така пријавен ќе биде и кружниот напаѓач Соаре на местото на Цабут.