Ракометната федерација на Македонија ја информираше јавноста дека ќе субвенционира 40 отсто од цената на билетите од категорија 2 и од категорија 3 кои ќе бидат купени во периодот од 2 до 9 ноември за време на Европското ракометно првенство за жени кое се одржува во Скопје.
„Би сакале да ја информираме македонската јавност дека цените на билетите за натпреварите од претстојното Ракометно првенство за жени имаат заштитена цена, која е дефинирана и утврдена од Европската ракометна федерација (ЕХФ) за четирите града во кои ќе се одржува шампионатот: Скопје, Подгорица, Љубљана и Целје. Билетите се поделени во три категории и се продаваат преку мрежата на „Евентим“ (официјалниот партнер на ЕХФ за продажба на билети), а наш национален дистрибутер е агенцијата „МК тикетс“.
Во согласност со барањата на љубителите на ракометот за обезбедување дополнителна пониска ценовна категорија на билети, Ракометната федерација на Македонија, по добиеното одобрение од европската куќа на ракометот, ќе субвенционира 40 % од износот на билетите од категорија 2 и од категорија 3, купени во периодот од 2 до 9 ноември 2022 година преку овластените агенции „Евентим“ и „МК тикетс“. Попустот на билетите за натпреварите на нашиот национален тим во групата Ц ќе се пресметува од денеска во 11 часот, а средствата за оваа намена ќе бидат обезбедени од спонзорите на РФМ. Натпреварите против селекциите на Франција, Холандија и на Романија нашите ракометни сениорки ќе ги одиграат во Арената „Борис Трајковски“ на 5, 7 и на 9 ноември со почеток во 18 часот“, се вели во соопштението од РФМ.