Новиот селектор на Чешка, Чави Сабате мораше да биде задоволен од конечниот исход на мечот со Македонија. Посебно ако се знае дека неговата селекција имаше негатива од 7 гола разлика.
По нерешениот резултат (24:24) во првиот бараж натпревар за Светското првенство (СП) во 2023 година, шпанскиот стратег го анализираше мечот.
„Македонија и Лазаров не не изненадија со играта. Во денешниот ракомет се се знае, едносавно немаме многу време да бидеме заедно и да тренираме, но сега се се следи. Мислам дека на крајот мора да бидеме задоволни со нерешеното. Во еден момент Македонија имаше седум разлика и ремито за нас е добро. Имавме многу едноставни и технички грешки. Нашата игра во нападот не функционираше и затоа резултатот е добар. Сега мора да се рекуперираме и да одиме во Македонија на победа ако сакаме да играме на СП“, изјави Сабате по натпреварот.
Чешките ракометари се одлучија да работат на домашно тло во следните три дена, а потоа да допатуваат во Скопјсе каде ќе се игра реваншот кој е закажан в недела од 19 часот.