По целата ситуација која владее во Европа, запирањето на сите натпревари во ракометот, неминовно беше да биде донесена и одлуката за одложување на завршниот Ф4 турнир во регионалната СЕХА лига.
Регионалната СЕХА лига, на чие чело е претседателот Михајло Михајловски, денес ја информираа јавноста за одложување на завршниот турнир од деветото издание на регионалната лига во ракомет за мажи.
„Фајнал-фор“ турнирот требаше да се игра од 3 до 5 април во хрватскиот град Задар, но се одложува на неодредено време. Не постојат технички услови за одигрување на турнирот, заради ширењето на пандемијата ковид-19 и неодиграните реванш натпревари од четвртфиналето.
Познати се два од четирите учесници, ППД Загреб од Хрватска и Мешков Брест од Белорусија обезбедија пласман, додека Вардар и Веспрем треба да ги одиграат возвратните натпревари во кои влегуваат како фаворити против Нексе од Нашице и Војводина за да обезбедат учество на завршниот турнир во Задар.
Во моментов е неизвесно кога ќе биде одигран Ф4 турнирот, бидејќи секојдневно се следи ситуацијата со ширењето на коронавирусот и заклучно со резултатите во следниот период ќе бидат пронајдени алтернативни термини во календарот. Титулата од минатата сезона ја брани нашиот шампион Вардар, а најголем фаворит за освојување оваа година е Веспрем.

