Селекторот на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров го објави списокот на ракометари за престојното Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка 2026 година.
На конечниот избор на Лазаров се најдоа 21 ракометар, а споредувајќи со претходните списоци, речиси и да нема ниту едно изненадување. Единствено, го нема кружниот напаѓач Милан Лазаревски, кој сè уште заздравува од повредата на рамото. Затоа, деби на еден голем собир ќе има младиот ракометар на Еурофарм Пелистер, Самоил Ристевски.
Исто така, интересно е тоа што во списокот има само еден интернационалец – голманот Мартин Томовски. Во случај на непосакуван проблем, Лазаров има на списокот седум ракометари кои ќе бидат резерви, а тоа се голманот Кизиќ и играчите Ојлески, Петковски, Танковски, Ѓорговски, Николов и Марковски.
Македонија ќе се натпреварува во групата Б во Хернинг против домаќинот Данска, Романија и Португалија. Двете најдобропласирани селекции одат во следната фаза. Собирот на репрезентацијата е закажан за в понеделник, на 22 декември во 13.30 часот во хотелот Александар Палас.


