Македонија со победа од 41:23 против Луксембург ги започна квалификациите за ЕП 2028, а по натпреварот во Скопје, селекторот Кирил Лазаров не го криеше задоволството од играта и резултатот, но и фактот дека успеал да ги сочува силите на своите избраници кои секако ќе бидат важни за следниот натпревар кај јужниот сосед.
„Задоволен сум од момците како пристапија кон мечот и нивниот ангажман. Немавме доволно време, но сработивме добро. Мораше да почекаме да се одморат и играчите по македонското дерби, имавме и нов играч кој за првпат беше во тимот и мораше да го вклучиме во тимот. Го искористивме максимално времето. Задоволен сум од тоа како системски напаѓавме, секогаш може подобро, може и полошо, но генерално задоволен сум. Мислам дека заштедивме и сили, со оглед на тоа што е тек на сезона, а играчите доаѓаат од клубови со силни натпревари, од силни лиги, со Лига на шампиони, Европска лига, Европски Куп. Имаме три дена до мечот со Грција, таму ни следи пеколен меч и одлична репрезентација која ја помина Холандија на патот кон Светското првенство. Ќе пристапиме максимално сериозно, треба да бидеме спремни на сите работи, можни се многу спортски сценарија, така што ќе пробаме психолошки да се спремиме за она што ни следува. Не ми е важен резултатот, туку пристапот и на кој начин игравме. Имавме темпо шеесет минути што воопшто не е лесно за наши македонски прилики, без разлика што се работи за Луксембург. Им честитам на момците за сработеното и она кое го направија на терен“ рече Лазаров по натпреварот.
Македонската репрезентација утре (петок) патува за Грција каде во недела од 16 часот го игра вториот натпревар од овие квалификации.

