Македонија го претрпе и вториот пораз во групата „Б“ на ракометниот Мундијал во Германија и Данска. Вечерва во арената во Минхен бевме совладани убедливо од селекцијата на Шпанија со 32 спрема 21 иако по првиот дел „фуријата“ водеше само со 13:12.
Бравурозните одбрани на Митревски, луцидните комбинации со нападот „7 на 6“ и добро поставената одбрана која ги намачи Шпанците во првото полувреме, ветуваа дека можеме да одиме на изненадување. За жал, тоа падна во вода за само 2-3 минути во вториот дел кога противникот ги казни сите наши грешки и направи големи 18 спрема 12. Веднаш потоа Раул свесен дека мечот е загубен се определи да продолжи со втората постава штедејќи ги силите за утрешниот меч со Исланд кој ќе биде решавачки за двете земји за продолжување на мундијалската виза. Во наште редови најпрецизен беше Пешевски со 6 голови пред Кире Лазаров со 5.
Утре во послeдното коло во групатa -„Б“, Македонија од 18.00 часот ќе игра со Исланд додека во другите два меча ќе се сретна Јапонија-Бахреин и Шпанија-Хрватска.