Ракометарите на Шведска ќе се вратат дома со својот втор последователен медал на европските првенства. Во малото финале денеска во „Ланксес Арената“, европскиот првак од пред две години славеше против домаќинот Германија со 34:31.
Покрај бронзениот медал, Швеѓаните со оваа победа си обезбедија директен билет за учество на Летните олимписки игри во Париз, додека Германија повторно остана без медал од континенталните првенства, по златото кое го освои во 2016 година.
Клар со 8 и Карлсон со 7 гола беа незадржливи во составот на Шведска денеска, додека кај Германија 8 гола постигна Ускинс. Секако, голема работа за победата на скандинавците заврши и голманот Паличка кој имаше 19 одбрани.