Циклусот наречен Европско првенство 2029-та година започна на најдобар можен начин за македонската кошаркарска репрезентација, бидејќи претквалификациите ги отворивме со извонредна игра и убедлива победа против Азербејџан.
Тимот на Марјан Илиевски сериозно си ја сфати работата вечерва во салата „Кале“ и не му даде никаква шанса на противникот, кој вечерва имаше улога на статист во најголем дел од пресметката во македонската престолнина.
Нашите кошаркари воспоставија победнички ритам од самиот старт и брзо почнаа да го полнат кошот на ривалот, па какошто одминуваше времето, така разликата се зголемуваше и на крајот достигна неверојатни 38 поени.
Македонија ги доби сите четири четвртини и постојано имаше двоцифрена предност, но со последните поени на Зеќири во завршната секунда, стигна и до највисоки 38.
Избраниците на Иливески го затворија мечот со триумф од 87:49, што дефинитивно е најдобро загревање за она што следи, гостувањето во Даблин кај Ирска за три дена.
Андреј Јакимовски беше прво име на паркетот со дабл-дабл учинок од 25 поени и 11 скокови, дабл-дабл забележа и Војдан Стојановски со 16 поени и 11 скокови, важен под обрачите беше и Лејсон Зеќири со 17 поени и 6 скокови.

