Младиот кошаркарски репрезентативец на Македонија, Теодор Симиќ, вчера имаше одлично издание во јуниорското издание на Евролигата. Вчера на првиот квалификациски турнир за кошаркари до 18 години за пласман на завршниот турнир на Евролигата, Симиќ и неговата Барселона, стигнаа до две победи во групната фаза, со кои веќе го обезбедија местото во големото финале, од кое ќе бараат билетот за финалниот турнир.
Во првиот меч на турнирот, Барселона по голема борба го победи германскиот Улм Ратиофарм со резултат (59:50). На овој меч младиот Македонец одигра скоро 12 минути и притоа постигна 6 поени (3/5 за два и 0/1 за три поени), а дополни и 3 скока и една загубена топка.
Уште поубедлив настап Симиќ имаше на дуелот со Гран Канарија. Во победата од 85:47, Теодор учествуваше со 10 поени (0/2 за три, 4/7 за два, и 2/5 за еден поен), осум скока, како и по една асистенција, освоена и загубена топка. Во третиот круг од натпреварите, денеска Барселона игра против францускиот Нантер.

