Ракометарите на Шведска и Данска ќе играат во големото финале на СП во Египет. Во денешните полуфинални средби, Шведска ја совлада Франција со 32:26, а Данска беше подобра од фаворитот Шпанија со 35:33.
Шведска одигра извонреден меч против ослабената Франција и успеа да одржува константна предност од почетокот до крајот на мечот. Французите се враќаа во егал неколку пати, но во последните десетина минути не успеаја да им парираат на противниците.
Слично нешто се случуваше и на второто полуфинале. Данците поведоа од самиот старт, наметнаа своја игра, а Шпанија постојано се обидуваше да ги следи. Во финишот Шпанија дојде на само минус1 и имаше напад за израмнување, но не успеа да погоди. Данска реализираше во последната секунда за 35:33 и ќе ја брани светската круна во неделното финале.

