Само еден ден откако ја прекинаа соработката со српскиот стратег Ѓорѓе Чирковиќ, ракометниот клуб Еурофарм Работбик го назначи новиот предводник, со кој тимот ќе ги продолжи со настапите во ЕХФ Купот и домашниот шампионат.
Од денес, официјално нов стратег на оваа екипа е легендата на македонскиот ракомет, Стевче Алушовски. Поранешниот член на Пелистер, Вардар, Преспа и Металург, како и долгогодишен репрезентативец на Македонија, по пауза од една година се враќа во родната Битола, откако во првиот дел од минатата сезона со голем успех и 11 победи во низа го водеше Пелистер.
„Ја информираме јавноста дека РК Еурофарм Работник во реализација на своите зацртани цели, СЕХА лига за наредна сезона, финале на Куп на Македонија, достојно претставување во преостанатите натпревари од групната фаза на ЕХФ купот, продолжува со нов шеф на стручниот штаб. Тоа е Стевче Алушoвски. Во име на клубот го изразуваме нашето огромно задоволство што битолската ракометна легенда седнува на тренерското столче на нашиот клуб. Убедени сме дека неговото знаење, искуство, професионалност и посветеност на работата ќе придонесат за остварување на нашите цели и прогресот на нашиот клуб“, информираат од битолскиот клуб.
Алушовски се очекува вечерва да го има првиот тренинг со екипата, а потоа го очекува првиот натпревар на клупата на Еурофарм Работни, тоа е дуелот со Нексе, во рамките од третото коло на ЕХФ Купот.