Македонскиот ракометен шампион Вардар е пред нов голем предизвик во Лигата на шампионите. Веќе трета година по ред ќе се борат за најпрестижниот пехар во клупскиот ракомет на завршниот турнир во Келн.
Капитенот на нашата екипа, Столе Стоилов пред новинарите во Келн го кажа своето очекување од оваа средба:
„Играме против противник кој одигра одлична сезона. Барселона повторно докажа дека е една од најдобрите во Европа, но овде играме еден натпревар и мислам дека шансите се еднакви. Трета година по ред сме тука, а учеството во Келн ги изненади сите, можеби и ние не очекувавме ваква сезона. Минавме низ тежок период, но ете повторно сме меѓу најдобрите четири екипи во Европа. Дојдовме да се надигруваме и ќе го направиме тоа, што се однесува до атмосферата во екипата, таа е одлична“, истакна Стоилов.
Вардар во полуфиналето игра против Барселона, натпреварот се игра утре со почеток од 18:00 часот во Келн.