Дуелот меѓу Чешка и Македонија заврши без победник (24:24), иако во еден момент нашиот национален тим имаше позитива од седум гола разлика (10:17). Првите шеесет минути од двомечот со Чешка ги анализираше нашиот бек Филип Талески кој беше наш најдобар стрелец.
„Можевме и тука да завршиме една добра работа, меѓутоа прокоцкавме многу. Имавме контрола до 43. минута, имавме квалитетна одбрана, ги изненадивме во вториот дел со брзи голови на почеток. Додека се свестеше Чешка, ние мораше малку да нагазиме. Но, што е тука е сега, овој резултат ќе не држи свесни. Ако некој ни дадеше реми пред мечот, ќе го прифатевме со задоволство. Знаеме дека Чешка е квалитетен противник, имаат добар тим. Сигурно е дека Сабате ќе смени нешто во Скопје, посебно во одбраната и системот на игра. Мора да се фокусираме на нашата игра, не смее да имаме такви падови како што беше во финишот. Ако одиграме во Скопје како тука првите 45 минути во Злин, сигурен сум дека ќе ја оствариме нашата цел“, изјави Талески.
Нашата репрезентација од денес веќе размислува за реваншот во Скопје кој го играме в недела од 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“.