Македонскиот женски ракомет утрово го потресе трагичната вест за смртта на поранешната македонска ракометарка Јулија Николиќ, позната по моминското презиме Портјанко. Јулија пристигна во Макеоднија како млада ракометарка и на само дваесет години го облече дресот на Кометал Ѓорче Петров.
Во редовите на европскиот првак Јулија Николиќ настапуваше од 2003 до 2009 година, а во меѓувреме почна да настапува и за сениорската репрезентација на Македонија. Откако доби македонско државјанство, ракометарката беше еден од најдобрите играчи во својата генерација. Од Кометал Ѓорче Петров во 2009 година, таа се пресели во Беледијеспор во Турција, а потоа играше во француски Арвор (сега Брест), а настапуваше и во Русија за Звезда Звенигород.
Кариерата ја заврши во Македонија, каде што Николиќ од 2013 до 2015 година ги бранеше боите на Вардар, во времето кога се склопуваше новиот тим. Јулија Николиќ имаше само 38 години,а од непознати причини за јавноста, почина утрово во Скопје каде што живееше и беше сопственик на свој бизнис.