Хрватскиот ракометен шампион ППД Загреб е веќе во потрага по нов тренер, откако денес на својата официјална интернет страница информираа дека ја раскинале соработката со досегашниот тренер Игор Вори.
Вори седна на клупата на ППД Загреб со големи амбиции, да го вратат клубот на старите патеки, но издржа само пет официјални натпревари, на кои тимот запиша исто толку порази.
„По консултациите и разговорите кои се одржаа во тековната недела, управата на клубот и Игор Вори дојдоа до заеднички заклучок дека е потребно да се направат промени, со цел тимот да се подготви соодветно за претстојните натпревари, особено за оние од кои се очекуваат бодови. Управата и вработените во клубот му се заблагодаруваат на Вори за соработката и професионалниот однос во овие четири месеци заедничка работа“, oбјавија од ППД Загреб.
Вори го замени на клупата во ППД Загреб, Веселин Вујовиќ, а во својот краток престој на чело на хрватскиот шампион имаше два порази во завршницата од СЕХА лигата и три во Лигата на шампионите. Во сезоната која не е почната во СЕХА лигата, ППД Загреб треба да биде во група заедно со Еурофарм Пелистер.

